Во Националната опера и балет во Скопје под мотото „Редефинирање на е-трговијата со вештачка интелигенција“, денеска започна Шестата годишна конференција за е-трговија, која е во своето второ регионално издание и е домаќин на преку 600 учесници од повеќе од 10 земји, а свое излагање ќе имаат 30 еминентни говорници од земјата и странство. Важноста на податоците, маркетингот и вештачката интелигенција како потпора за успешен бизнис со е-трговија, влијанието на „маркетплејс“ платформите во секторот на е-трговија, но и за значењето на беспрекорното искуство со интернет плаќањата и меѓуграничната достава на интернет ќе бидат главните теми на годинешното издание кои ќе бидат претставени низ три презентации, две студии на случај и четири панел сесии и презентации на успешни приказни од регионот. Конференција ја отвори претседателот на Р.С. Македонија, Стево Пендаровски, кој во своето обраќање истакна дека благодарение на вештачката интелигенција и дигиталната трансформација, е-трговијата зема голем замав. – Вештачката интелигенција повеќе не е сведена само на агрегат за реклами, туку прераснува во ‘рбетен столб на малопродажбата. Корисничките четботови, генерирањето содржини и илустрации на производите и услугите, брзата анализа на потребите на пазарот и преференците на потрошувачите, експоненцијално го зголемуваат влијанието на вештачката интелигенција врз е-трговијата. Годинава околу 20% од малопродажбата на светско ниво се врши онлајн. Бизнисите денес можат да продаваат многу повеќе производи и услуги со многу помали трошоци, а со тоа и по пониски цени. Поради својот инвестициски потенцијал, овој релативно млад сектор станува важна ставка во економскиот раст и развој во секоја држава“, посочи претседателот Стево Пендаровски. Публиката ја поздрави и Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ кој посочи дека електронската трговијата е целосно интегриран и важен дел од заедничкиот пазар на Европската Унија, односно дека купувањето електронски е секојдневие за луѓето во ЕУ, каде 75% од купувачите купуваат стоки и услуги online. -Натамошниот развој на Заедничкиот Регионален Пазар на земјите од Западниот Балкан значи дополнителен пазар од 18 милиони потрошувачи. Проценките се дека истиот може да придонесе за зголемување на БДП на регионот за 10%.Новиот План за Развој на Европската Унија за Западниот Балкан, презентиран минатата недела, има за цел отварање на вратите за земјите од Западниот Балкан кон Заедничкиот Пазар на ЕУ, вклучително за е-трговијата, царинската соработка, намалување на трошоците за прекуграничните плаќања, патниот траснпорт, електричната енергија, роамингот. Европската Унија ќе го поддржи овој процес со зголемена финансиска поддршка за регионот вредна 6 милијарди евра, преку грантови и заеми. Целта е да им овозможиме на нашите партнери да ги поттикнат реформите и инвестициите и да го забрзаат процесот на проширување и развојот на нивните економии. Покрај нив, поздравно обраќање имаше и претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Д-р Нина Ангеловска која во својот говор потенцираше: -Оваа година фокусот на конференцијата го ставаме на вештачката интелегенција која ја редефинира е-трговијата и ја носи на следно ниво. Како што нема раст на бизнисите без е-трговија така нема раст на е-трговија без вештачка интелегенција. Вештачката интелегенција отвара нови хоризонти за е-трговијата – од супер-персонализирано шопинг искуство и корисничка поддршка, до смарт логистика, детекција на измами, оптимизација на цени и автоматизација во секоја пора. Вештачката интелегенција е тука и ќе остане во нашите животи, го менува начинот на кој купуваме, продаваме, работиме, живееме. Ги менува работните места и ако правилно ја кориситиме ќе ни ја направи работата подобра, поефикасна и попродуктивна. Тоа е како да имаме супер-паметен нов колега во тимот, што не само што не прави подобри и поефикасни, туку ја прави работата и позабавна. Вештачката интелегенција нема да го замени вработениот, но вработениот кој користи вештачка интелегенција ќе го замени оној кој не користи– додава Ангеловска.
Ангеловска на конференцијата ексклузивно ги презентираше клучните сознанија од анализата со наслов „Преглед на е-трговијата во Р.С. Македонија и споредба со земјите од Западен Балкан и Европа, 2023 година”, кој од самиот почеток е поддржан од Мастеркард и изработен од АЕТМ. Таа истакна дека трета година во анализата се става посебен фокус на прогресот на е-трговијата во земјите од Западен Балкан. -Сите земји од Западен Балкан се слични кога станува збор за развојот на е-трговијата, имаме многу заеднички карактеристики, некои земји се подбри од другите, но сите се рангирани најниско споредено со европските земји, притоа некои побрзо се движат некои побавно. На пр. според употребата на интернет Македонците со 88% заедно со Црногорците се најдобри од балканските земји. Кога станува збор за онлајн купување Србите се најдобри со 63.5% од интернет корисниците, Македонците 49.5%, а најмалку Црногорците – истакна Ангеловска.
Во рамки на извештајот беа анализирани и податоците од НБРСМ, според кои вредноста на вкупните трансакции направени кон интернет продавниците од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички во Р.С.Македонија во текот на 2022 година, изнесува 550.2 милиони евра и има пораст од 25% во однос на 2021 година. Во првата половина од оваа година растот споредено со првото полугодие лани изнесува 18.5%.
Дека продолжува трендот на зголемување на бројот на уреди кои примаат платежни картички на виртуелни места на продажба, покажува и фактот дека и понатаму има пораст на бројот, кој во јуни 2023 година изнесувал 1939 интернет-продажни места. Имајќи го предвид значењето на понудата за раст на оваа индустрија, а со цел да се добие појасна слика за истата, АЕТМ спроведе и емпириска анализа за уникатниот број на е-трговци според утврдена методологија. Сознанијата се прилично изненадувачки, односно бројот на активни е-трговци во земјава е помалку од половина од бројот на интернет-продажни места кои ги следиме по извештаите на НБРСМ.
Потенцијалот за раст на е-трговијата зависи од повеќе алки во синџирот на е-трговијата, кој во анализата се следи преку Индексот за логистички перформанси и Индексот за подготвеност за мрежна поврзаност. Меѓу слабостите кои беа детектирани е индикаторот Меѓународни испораки од индексот за логистички перформанси. Тоа е предизвик кој беше детектиран и со минатагодишното истражување за геоблокирање на ЦЕФТА пазарите подржано од Цефта секретаријатот. Геоблокирање постои меѓу овие пазари во е-трговијата, а главна причина е наведена скапата испорака и царинските давачки.
Сите детектирани предизвивци од анализата ни преставуваат основа за креирање на иницијативи и препораки за делување, а во својата презентација Ангеловска ги раскажа изминатите и тековните иницијативи на АЕТМ, кои помагаат во намалување на предизвиците и бариерите за раст на е-трговијата.
Инаку, на конференцијата ќе се обратат еминентни странски говорници, меѓу кои Стефан Ковачевиќ, Глобален дигитален лидер во Нестле („Nestlé“), Каи Херзбергер, Групацискиот директор на Мета за ЕМЕА, Саманта Тилет, Глобална директорка на партнерствa со Амазон во HTTPool by Aleph, и многу други.
Исто така, на конференцијата ќе можат да се слушнат четири панел дискусии на кои што ќе учествуваат бројни домашни и странски експерти, меѓу кои на првата панел дискусијата на тема „ Регионални VS. Глобални пионери: Усовршување на маркетплејс сцената“ ќе се обратат претставници од брендовите Ананас, Заландо и Алегро, во втората панел сесија „Успешни приказни и научени лекции: Унапредување на прекуграничната е-трговија“ ќе се даде фокус на прекугранична е-трговија, во третата панел сесија на тема “Истражување на пејсажот за е-плаќања во е-трговија” ќе разговараат претставници од НБРСМ, Мастеркард, НЛБ Банка и PwC и четвртата панел дискусија ќе биде на тема „Револуцијата на маркетингот за перформанси: Работење управувано од податоци” каде што ќе се стави фокус на искористување на маркетинг податоците и вештачката интелигенција за раст на бизнисте.
Од АЕТМ уште еднаш го потенцираат одличниот интерес кој овие теми го имаат помеѓу македонската експертска јавност, а истото се потврдува и со големата заинтересираност за годинешното издание кое брои преку 600 учесници од преку 150 компании, здруженија, организации и државни институции.
Инаку, конференцијата оваа година беше органзирана со поддршка на организацискиот партнер – Проектот за надворешна трговија поддржан од ЕУ и Германија а спроведен од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и бројните спонзори, партнери и поддржувачи на конференцијата.