На поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески незаконски му бил продолжуван домашниот притвор во случаите „27 април“ и „Шпански скали“, одлучи денеска Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП). Денеска е објавена пресудата во случајот на Јанакиески против Македонија кој се жалеше за притворот во случаите „ 27 април“ од февруари 2019 година и „Шпански скали“ од јуни истата година, во која се наведува дека на поранешниот министер за транспорт и врски му биле прекршени правата од членот 5 на Европската конвенција за човекови права.
-Случајот се однесува на два сета на кривични постапки против господинот Јанакиески, првиот за терористичко загрозување на уставниот поредок, и вториот за злоупотреба на службената положба, за време на кои му биле нарушена слободата со одлуки на домашните судови. Потпирајќи се на Членот 5 (право на слобода и безбедност) од Конвенцијата, господинот Јанакиески поднесе жалба за наводни незаконитост и произволност, недостаток на релевантни и доволни причини и недостаток на брзо право на жалба на неговото лишување од слобода, се вели во соопштението од Судот во Стразбур.
Јанакиески кој во моментов издржува затворска казна од три години и шест месеци за случајот „Титаник“, според пресудата, од државата ќе треба да добие вкупна отштета од 6.100 евра, од кои 3.900 евра се за нематеријална штета и 2.200 евра за трошоци.