На одбележувањето на почетокот на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска имаше воведно обраќање и потоа активно се вклучи во дискусија со младите.
„Младите се движечка сила во секое општество, вклучувајќи го и нашето и токму затоа иднината треба да ја градиме со нив, за нив. Знаеме дека не само иднината, туку и сегашноста зависи од младите, а пак успехот на младите зависи од можностите што ние ги обезбедуваме за нив. Верувам и знам дека тука ние имаме млади со огромен потенцијал“ истакна Тренчевска.
Министерката со нејзиното обраќање со прашањето „Како да ги мотивираме младите да останат во својата заедница, да се вклучат на пазарот на труд и да се граѓански активни?“ ги мотивираше да се вклучат во активна дискусија.
Таа воедно ги поттикна да ги користат мерките од Оперативниот план и посочи дека истиот за наредната година ќе биде заснован на истражувањето кое Министерството за труд и социјална политика го спроведува со УСАИД, во кое младите ги искажуваат своите потреби и интереси.
„Гласот на младите е многу важен и ние сме тука да ве слушнеме. Еден од стратешките приоритети на Министерството е намалувањето на невработеноста кај младите што е клучно за градење на поинклузивно општество. Во соработка со партнери како УСАИД, се стремиме да им дадеме можности на младите да ги стекнат потребните вештини за успешна кариера и да дадат значаен придонес за нашата економија, со што заедно ќе создадеме попросперитетна иднина за сите“ истакна Тренчевска.