Трофејниот македонски фудбалски стратег Гоце Седлоски е нов шеф на стручниот штаб на ФК Работнички. „Романтичарите“ со Седлоски потпиша договор на 18 месеци, период во кој новиот стратег ќе има мисија да го врати клубот на шампионските патеки.
-Чест ми е што доаѓам во ФК Работнички, клуб со голема традиција и реноме во македонскиот фудбал, поранешен шампион и освојувач на Купот. Би сакал да се заблагодарам на новото раководство на клубот за укажаната доверба, ја сфаќам како сериозна обврска и ќе се вложам максимално за да ги оствариме целите што заедно ги зацртавме. Веруваме дека овој проект на крајот ќе донесе многу радости и трофеи во ФК Работнички. Мојот начин на работа кој носеше титули ќе се потрудам да го наметнам и овде. Ред, работа, дисциплина и верба во сопствените квалитети се принципите што секогаш и секаде ги носам со себе и верувам дека ќе ги воспоставиме и во тимот на Работнички. Има голем потенцијал во овој тим, а верувам дека со уште неколку засилувања ќе изградиме колектив со кој ќе се гордееме“, вели Седлоски, новиот шеф на стручниот штаб на Работнички.