Петровска-Троказ: Македонија припаѓа во европското семејство, членството во ЕУ е безбедносно прашање

Министерката за одбрана Славјанка Петровска утрово се сретна со новоименуваниот специјален пратеник на Франција за Западниот Балкан, Рене Троказ, со кого разговараше за безбедносната состојба во регионот, потребата од интензивирање на евроинтеграциските процеси како начин на унапредување на стабилноста и просперитетот на земјите од Западниот Балкан, како и развојот на македонско-француската одбранбена соработка, како стратешки партнери и сојузници во Алијансата.

Во контекст на интегративните процеси во регионот, министерката Петровска порача дека на евроинтеграцијата треба да се гледа како на безбедносно прашање, особено имајќи ја предвид глобалната безбедносна состојба и обидите за влијание на трети страни врз земјите од регионот. Затоа е многу важно Северна Македонија да не губи време на својот евроинтегративен пат – рече Петровска.

„По членството во НАТО, посветени сме на процесот на интеграција на земјата во Европската Унија. Не треба да губиме време на патот кон членството во Унијата особено што уставните измени кои се очекуваат од Северна Македонија само ја потврдуваат земјата како демократска и мултиетничка земја и со ништо не го нарушуваат националниот идентитет. Напротив, внесувањето на бугарското покрај другите малцинства во Уставот засекогаш и става крај на погрешната теза дека сме еден народ во две држави и го потврдува нашиот национален македонски идентитет. Она што ни наштетува е одложувањето на процесот ” порача министерката Петровска.

Специјалниот француски претставник за Западен Балкан, Троказ се согласи дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е и безбедносно прашање и го пренесе ставот на својата држава дека Северна Македонија припаѓа на европското семејство кое го обединуваат заеднички вредности, просперитет и стабилност. Северна Македонија ја има целосната француска поддршка за што поскоро членство во Унијата – порача Троказ.

Во контекст на билатералната соработка во одбраната министерката Петровска потенцираше дека Северна Македонија и Франција ја издигнаа соработката на ниво на стратешко партнерство. Таа зборуваше и за процесот на модернизација и опремување, при што истакна дека еден од клучните системи, системот за против воздушна одбрана, Северна Македонија го набавува токму од Франција, што е потврда за развојот на француската воена технологија, како и за посветеноста на Северна Македонија во брз развој на своите вооружени сили.

Специјалниот француски претставник за Западен Балкан, Троказ порача дека Франција високо ја цени улогата на Северна Македонија како сојузник и фактор на стабилност во регионот.

На средбата на министерката Петровска и специјалниот пратеник Троказ присуствуваше и францускиот амбасадор во Северна Македонија, Сирил Бомгартнер како и   Матие Абграл од Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција.

Треба да знаете
Последни објави