Финска од полноќ ќе затвори четири гранични премини со Русија, соопштија денеска финските власти, велејќи дека тоа го прават во обид да го запрат зголемениот проток на мигранти.
Финската гранична служба соопшти дека четири гранични премини со Русија, од вкупно девет, ќе бидат затворени за секаков сообраќај до 18 февруари.
Финска ги обвини руските власти за зголемени премини на мигранти како одмазда за одлуката на Хелсинки да ја зголеми одбранбената соработка со САД. Кремљ ги отфрли тие тврдења.
Првата физичка пресметка меѓу финските граничари и мигрантите се случила вечерва на преминот Нирала, откако граничарите се обиделе да ги спречат мигрантите прскајќи ги со хемикалии, објави финскиот јавен сервис YLE.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека Финска прави „голема грешка“ со изборот на патот на конфронтација со Русија, пренесе Тас. Песков изрази длабоко жалење што финските власти тргнаа, како што наведе, на патот на уништување на билатералните односи.
Околу 300 баратели на азил, главно од Ирак, Јемен, Сомалија и Сирија, пристигнаа во Финска оваа недела, соопшти граничната стража.
Официјални лица соопштија дека до денеска напладне речиси 100 мигранти влегле во Финска од Русија.
Финска дели 1.340 километри граница со Русија.