Речиси сите се навикнати на нотификациите од пораките и социјалните мрежи. Но, повеќето не се свесни колкава е нивната моќ. Како би се чувствувале ако останете цел ден без вашиот телефон? Дали ќе чувствувате голема желба да го проверите?
Смартфоните и мозокот
Проверувањето на смартфонот го поттикнува ослободувањето на допамин. Допаминот е одговорен за желбите, а не за задоволството или наградата. Резултатот е постојана желба да го проверите телефонот без да се чувствувате задоволно.
Во 1953-та година двајца млади научници, Џејмс Олдс и Питер Милнер, ставиле електроди во мозокот на глушец. Иако во тој период не знаеле, тие го погодиле делот од мозокот кој испушта допамин. Се изненадиле од однесувањето на глушецот – тој како да станал зависен на болните електрошокови кои му ги пуштале научниците. Тие поставиле и рачка во кафезот на глушецот која пуштала електрични шокови кога ќе се притисне. Откако глушецот сфатил што се случува, самиот ја стискал рачката сè додека не изгубел свест. Тој не можел да престане да ја стиска рачката иако на тој начин се повредувал.
Иако станува збор за страшен настан, сепак можеме да го споредиме со модерната технологија. Помеѓу Фејсбук, Твитер и сите социјални мрежи, ние сме бомбардирани со програми кои поттикнуваат производство на допамин. Психијатарката Кели Мекгонигал изјавила:
„Постојат малку нешта кои се пушат, инјектираат или за кои се сонува што можат да бидат зависни колку технологијата.“
Секој го сака својот смартфон бидејќи на некој начин му додава квалитет на животот. На него можете да читате, да правите распореди, да бидете во контакти со сите… Но како и сè друго, потребни се граници. Поради зависноста, навистина е тешко да се постават граници кога станува збор за смартфони.
Смартфоните и анксиозноста
Можеби не е големо изненадување тоа што допаминот е поврзан со анксиозноста. Научниците долго се сомневаат дека премногу допамин е поврзан со страв. Истражувачите од Универзитетот во Мичиген се обиделе да откријат што се случува со стаорците кога се блокира допаминот од местата одговорни за процесирање на емоциите, вклучувајќи го и стравот. Научниците ја отстраниле хемикалијата одговорна за страв и обично ова би требало да предизвика паника. Но, кога немало допамин, стаорците биле смирени. Одовде дошле до заклучок дека вишокот допамин е поврзан со стравот и паранојата.
Па зошто да не се обидете да поминувате помалку време со вашиот смартфон? Можеби ќе се чувствувате многу подобро.