Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, ги критикуваше континуираните напади на Израел врз Појасот Газа, нарекувајќи ги „сè повеќе неоправдани“, јави ДПА.
„Нападите на Хамас и другите вооружени групи против Израел, во кои загинаа 1. 200 луѓе и беа земени над 200 заложници, се целосно неоправдани.
Но, нивото на израелскиот одговор изгледа сè понеоправдано. Сведоци сме на уништување на човечки животи и имот во ужасни размери“, рече Тедрос во видео-обраќање пред Генералното собрание на ОН.
Според него, светот сега гледа како „се уништува цивилизацијата, системот заснован на правила и доверба меѓу земјите“. „Оваа криза е сериозен тест за ОН и нивните земји-членки“, додаде Тедрос.
Тој нагласи дека ОН се создадени за да се зајакне мирот. „Ако вие, земјите-членки на ОН, нема или не можете да го запрете овој масакр, тогаш мора да прашаме зошто воопшто постојат ОН“, истакна тој.