Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека добил писмо од роднините на Израелците кои ги држи милитантната група Хамас и дека Анкара работи на нивно ослободување, но додаде дека Израел држи во заложништво околу 10.000 Палестинци.
„Добив писмо од семејствата на Израелците кои ги држи Хамас со барање да интервенирам и да обезбедат ослободување на нивните роднини. Не сакаме Израелците или Палестинците да бидат притворени“, рече Ердоган.
Тој изјави дека Хамас нема перспектива да не ги пушти тие луѓе да си заминат. „Тие веќе кажаа: „Ќе ги ослободиме“. Тие бараат ослободување на затворениците кои незаконски ги приведува Израел, вклучително и мали деца, мајки и татковци“, изјави Ердоган на новинарите во авионот по враќањето од Берлин.
Според него, израелската администрација е „толку дехуманизирана што апси петгодишни деца“. „Ја активиравме нашата разузнавачка организација за ова прашање и тие сега ја водат истрагата. Ќе биде одлично ако дојдеме до резултат“, изјави турскиот претседател. Ердоган рече дека Израел држи во заложништво околу 10.000 Палестинци.
Ердоган го предвиде крајот на политичката кариера на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и посочи дека има многу докази за кривично гонење на израелската администрација пред Меѓународниот кривичен суд (МКС).
„Нетанјаху си оди, ние се ослободуваме од него. Дај боже, Израел ќе се ослободи од него и сите Евреи во светот ќе се ослободат од него. Сега 60-70 отсто од луѓето во неговата земја се против Нетанјаху“, рече тој. Според него, поради неговите постапки, неговата земја и целиот свет плаќа висока цена.