На аеродромот во Сараево денеска е уапсен маж осомничен за тероризам, потврдија од Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) без да го соопштат идентитетот на тоа лице, но медиумите јавуваат дека станува збор за Аднан Ќатиќ, кој претходно се борел во редовите на терористичката организација Исламска држава (ИСИЛ).
СИПА наведува дека апсењето е извршено во соработка со Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина (ОСА) поради сомнение за сторени кривични дела организирање терористичка група и незаконско формирање и приклучување кон странски паравоени или параполициски организации.
Порталот „Дневни аваза“ објави дека станува збор за Ќатиќ, поранешен припадник на радикалната исламистичка заедница чиј штаб бил во Горња Маоча кај Брчко.
Тие наведуваат дека бил припадник на ИСИЛ, односно дека се борел во редовите на исламистичките терористи во Сирија. По поразот на ИСИЛ, тој успеал да побегне од таа земја во Турција, а денеска од Истанбул полетал за Сараево каде бил уапсен.
Ќатиќ заминал во Сирија во 2013 година, исто така со лет од Сараево преку Истанбул.
По кривичната постапка во полиција, тој ќе биде предаден на Обвинителството на Босна и Херцеговина, каде ќе се соочи со обвинение или судење за тероризам. Досега пред Судот на Босна и Херцеговина за вакви кривични дела се осудени 28 лица.
Властите во БиХ собрале податоци според кои меѓу 250 и 300 луѓе заминале во Сирија и Ирак во периодот од 2012 до 2016 година и им се приклучиле на тамошните исламистички терористички организации. По поразот на ИСИЛ, досега во земјава се вратиле 62 возрасни лица и 22 деца.