Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, денеска ја негираше вмешаноста на неговата земја во киднапирањето на бродот во Црвеното Море, јавија британските медиуми.
-Многу пати кажавме дека има групи на отпорот во регионот, дека тие дејствуваат независно и спонтано врз основа на нивните интереси и интересите на својот народ, рече Канани на прес-конференција, додавајќи дека тврдењата на Израел имаат за цел да го одвлечат вниманието од „неповратниот пораз“ во борбата против милитантната група Хамас.
Бродот, што беше киднапиран од јеменските Хути, бил регистриран на британска компанија, додека во моментот на киднапирањето бил изнајмен од јапонска компанија.
Хутите, како што се наведува, во сојуз со Техеран лансираат ракети во правец на Израел во знак на солидарност со палестинскиот Хамас во Појасот Газа, по заканата дека бродовите што пловат под израелско знаме ќе бидат цел на јеменските милитанти.
Израел вчера го обвини Иран за киднапирање на бродот во Црвеното Море, соопштувајќи дека тоа е уште акт на ирански тероризам што претставува исчекор во иранската агресија против граѓаните на слободниот свет и создава меѓународни импликации за безбедноста на глобалните бродски рути.