Универзална сала се уште е на Град Скопје затоа што после изгласувањето на одлуката на Совет одлуката се уште не е формално потпишана од градоначалничката Арсовска. Поминаа два и пол месеци, а ние интензивно неколку пати апелираме до градската администрација за да се забрза постапката, изјави денеска министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која со заменик на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска ја посетија Општина Ѓорче Петров каде имаа средба со Здружението и културно уметничко друштво.
Според Костадиновска -Стојчевска потребно е да се пренесе правото за реконструкција на Министерството за култура до завршување, а потоа повторно да се вратат надлежностите на Град Скопје.
На техничко ниво се одржал состанок помеѓу министерството и претставници на Град Скопје каде што бил понуден вид на договор кој не е соодветен на одлуката која ја донесе Советот на Град Скопје.
– Ние го корегиравме нивниот договор во насока на почитување на одлуката на советниците за да може да се пренесе правото на реконструкција до завршување на реконструкцијата, но немаме повратен одговор. Универзална сала и нејзиното нефункционирање долго време се чувствува по националните установи и по развојот на културната сцена – рече министерката.