Средба на претседателот Пендаровски со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој престојува во посета на Република Северна Македонија, во рамки на неговата посета на земјите од Западен Балкан.

На средбата се разговараше за севкупната соработка со НАТО, во рамки на нашето полноправно членство во Алијансата и можностите за нејзино унапредување, за надворешно-политичките приоритети на земјата, како и за актуелните регионални безбедносни прашања и состојбите во поширокиот регион во контекст на руската агресија врз Украина и случувањата на Блискиот Исток. 

Претседателот Пендаровски ја истакна подготвеноста и посветеноста на Северна Македонија, во рамки на своите капацитети, и во иднина активно да придонесува во промовирање на мирот и стабилноста во регионот и пошироко, како и во справувањето со традиционалните и новите закани.

Во таа насока, претседателот Пендаровски го поздрави одржувањето на состанокот на лидерите на НАТО-сојузниците од регионот утре во Скопје и истакна дека посетата на генералниот секретар Столтенберг на земјите од Западен Балкан уште еднаш ја демонстрира посветеноста на НАТО кон стабилноста и безбедноста на регионот, во време на крупни безбедносни предизвици во нашето пошироко опкружување.

Треба да знаете
Последни објави