Датумот за избори е предмет на консензус. Треба да седнеме за да ја финализираме и прецизираме работата. Ние ќе се бориме да дојдеме блиску или пак зошто да не, да освоиме мнозинство во Парламентот веднаш, а тоа се 61 пратеник, порача вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостувањето во „Само интервју“ на Канал 5.
Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ предложи две опции за изборите.
-Едната опција е да биде 24 април првиот круг претседателски, односно 8 мај втор круг претседателски и парламентарни избори. Ова би значело почеток на кампања на 4 април или техничка влада некаде на 29 јануари. Вториот предлог беше доколку се изборите предвремени, 31 март да биде првиот круг претседателски, а 14 април втор круг претседателски и парламентарни избори, што би значело некаде на 11 март да имаме почеток на кампања. Ние сме подготвени по било која од овие две опции да одиме. Јас сум загрижен дека Ковачевски во оваа негова мачо игра тој да биде главниот ќе се предомисли и повторно ќе прави политички гимнастики, рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека ја препушта иницијативата на премиерот Димитар Ковачевски, ова да биде негов предлог, само да може веќе официјално да се затвори ова прашање.
Мицкоски смета дека е многу важно да има успешен претседателски круг, во кој ќе избереме претседател.
-Според мерењата на јавното мислење, оној кандидат кој ќе го предложи ВМРО-ДПМНЕ ќе биде иден претседател, но зошто да не заедно со граѓаните да направиме уште еден историски подвиг а тоа е од позиција на опозиција, политички субјект да освои 61 пратеник, додаде Мицкоски.
Тој не откри кој ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за шеф на државата и најави дека таа одлука ќе биде донесена наскоро на партиска конвенција. За тоа дали тоа може повторно да биде професторката Гордана Силјановска Давкова, Мицкоски рече: „никогаш не вели никогаш“.
За праламентарните избор, пак, потврди дека тој ќе биде носител на кандидатската листа во Изборната единица 1.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета и дека нема потреба од формирање предизборна техничка влада. Според него, понижувачки е партијата ДУИ која, како што наведе, е во центарот на бројни скандали да номинира премиер. Друга причина зошто нема потреба од техничка влада, е тоа што земја која сака да биде дел од ЕУ треба да покаже дека е зрела, вели Мицкоски. Подготвени се да прифатат промена на законот со што би се отфрлила одредбата за предизборна техничка влада.
Мицоски смета дека треба да се избере влада со политички легитимет добиен на избори.
Прашан дали ВМРО-ДПМНЕ има коалициски капацитет да привлече некоја албанска партија, тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво во неколку општини веќе е во коалиција со политички субјекти на Албанците.
За коалицирање, како што посочи, ќе се разговара откако ќе бидат познати изборните резултати.