Израелските власти соопштија дека на вториот ден од привременото примирје Хамас денеска ќе ослободи 14 заложници во замена за 42 палестински затвореници. Претходно, Израел соопшти дека ослободувањето на палестинските затвореници ќе почне во 16 часот по локално време. Вчера Хамас ослободи 24 заложници, а Израел од затвор пушти 39 палестински жени и деца.
Согласно Договорот за привремен прекин на огнот, Хамас се обврза да ослободи најмалку 50 заложници, а Израел 150 палестински затвореници.
Израел претходно соопшти дека рече дека примирјето може продолжи ако Хамас ослободува по 10 заложници дневно. Исто така Израел најави дека ќе ја продолжи својата воена офанзива откако ќе заврши примирјето.
Израелската војска проценува дека Хамас киднапирал околу 240 луѓе во напад врз израелска територија на 7 октомври. Според израелските власти, во тој напад загинале 1.200 луѓе, од кои најголем број биле цивили. Како одмазда, Израел го бомбардираше Појасот Газа и на 27 октомври почна копнена офанзива со цел да го „елиминира“ Хамас, кој е на власт во енклавата од 2007 година.
Во Појасот Газа, според владата на Хамас, во израелските напади загинале 14. 854 луѓе, од кои 6.150 деца. Ова е прв прекин на огнот од почетокот на конфликтот на 7 октомври кога Хамас го нападна Израел.
Четиридневното примирје, постигнато со посредство на Катар, Египет и САД предвидува „целосен прекин на огнот без напади од воздух или земја“ и небо без беспилотни летала за „да се овозможи ослободувањето на заложниците во безбедна средина“. Договорот, исто така, има за цел да обезбеди дополнителна помош за 2,4 милиони жители на Појасот Газа, кои се соочуваат со недостиг на основни добра откако Израел ја заостри опсадата на енклавата.
ОН соопштија дека вкупно 137 камиони со храна, вода, лекови и други неопходни работи се истоварени во Газа од почетокот на примирјето. Исто така се доставени и 129.000 литри гориво и четири камиони со гас.