Десетици илјади луѓе излегоа на улиците во центарот на Лондон барајќи траен прекин на огнот во Газа.
„Националниот марш за Палестина“, кој треба да заврши во центарот на Лондон, Вајтхол, е последниот во серијата големи протести што се одржуваат во главниот град на Велика Британија секој викенд од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври.
Полицијата на Лондон соопшти дека уапсила маж под обвинение за поттикнување расна омраза на почетокот на собирот. Полицијата на митингот делеше летоци во кои објаснуваше што се смета за прекршок, откако високи владини функционери рекоа дека ќе се спротивстават на антисемитизмот на протестите.
„Секој кој е расист или поттикнува омраза против која било група ќе биде уапсен. Ова треба да важи и за оние кои го поддржуваат Хамас или која било друга забранета организација. Нема да толерираме никого кој промовира терористички акти, како што се убиства и киднапирања на невини луѓе, или оние кои шират говор на омраза“, рече заменик полицискиот комесар Аде Аделекан. Лондонската полиција додаде дека 1.500 полицајци го обезбедуваат собирот.