Избран од поголем број на светски автори, Александар Ефтимовски изработи скулптура во монументална големина во музејот на современи уметности Мосан во Јужна Кореа.
За време на неговиот престој, тој материјализираше една од неговите идеи во скулптура во материјалот гранит. Истото дело е изложено во паркот на монументална скулптура и е дел од колекцијата на музејот. Преку ова дело Ефтимовски директно го претставува неговото моментално творештво и текот на современата Македонска скулптура.
Покрај проектот кој го работи во моментов, Ефтимовски оваа година ги претстави неговите дела изработени од челик на престижната изложба НОРДАРТ во Буделздорф, а неговите дела исто така ќе бидат изложени и во деветтото издание на изложбата „Патот на Свилата“ во Шиан, Кина.
Предвесник на неговото патување во Азија беше делото „Спротивна Ротација“, кое тој го изработи за градот Кајзерслаутерн, Германија. Импозантното дело со големина од 4 метри, кое е трајно поставено во градот, го претставува ликовниот замав и моменталното творештво на авторот.
Покрај оваа метална скулптура, Александар претстави 5 скулптури во галериски формат во музејот на Каизерслаутерн во групна изложба на која беа изложени дела од познатите уметници Ханс Арп, Ото Дикс и други.
Овој проект е значаен за авторот бидејќи неговата идеја беше избрана во анонимна селекција помеѓу стотици други автори.
Покрај големата интернационална активност, тој создава дела и за неговиот град. Како дел од неговото творештво, оваа година во Младинскиот Културен Центар во Скопје, авторот ќе постави две дела кои публиката и посетителите на оваа установа ќе може да ги користат. Тие се сегмент од проектот на Ефтимовски во кој изработува практични скулптури направени од реупотребени материјали како челик и дрво.