Катарското Министерство за надворешни работи вечерва соопшти дека пет авиони со хуманитарна помош се испратени во египетскиот град Ел Ариш, од каде помошта ќе биде пренесена во Појасот Газа. Како што јави Ал Џезира, авионите превезуваат 156 тони помош – храна, лекови и опрема за засолништа.
Досега Катар испрати 26 авиони во Газа, со 879 тони помош, соопшти Министерството. Во Појасот Газа има четиридневен прекин на огнот додека се ослободуваат заложниците киднапирани од Хамас, а во тек се преговори за продолжување на прекинот на огнот за уште два дена, бидејќи постојниот прекин на огнот истекува денеска.
Обединетите нации соопштија дека помошта што пристигнала во Газа се уште е недоволна за потребите на жителите на таа палестинска енклава.