Бурната ноќ може да потикне многумина да посакаат брз лек за немилосрдната главоболка од мамурлак следниот ден. Но, „парацетамолот“, колку и да е моќен против главоболки, не се препорачува за ова. Фармацевтите предупредуваат дека „парацетамолот“ се разградува во црниот дроб со истиот ензим како и алкохолот.
Секој што пиел голема количина алкохол претходната вечер нема да му направи услуга на црниот дроб со „парацетамол“.
Според германските фармаколози, со поттикнување на црниот дроб да работи прекувремено „парацетамолот“ ја попречува природната способност на телото да го филтрира алкохолот од системот.
И додека експертите од американската клиника „Мајо“ велат дека „времето е единствениот сигурен лек за мамурлакот“, сепак има неколку работи што можете да ги направите за да се чувствувате подобро. Можете, на пример, да земате лекови против болки со друга активна состојка, како што е ибупрофен.
Обидете се да ги надоместите изгубените минерали со банани, минерална вода или овошни сокови. Солената храна или онаа богата со јаглехидрати, како ѓевреци, тост или крекери, ќе ви помогнат да надоместите дел од енергијата. Некои луѓе се колнат во ефикасноста на земање електролити, а понекогаш тоа го прават превентивно пред да пијат.
Електролитните раствори, кои обично се препишуваат за да ги заменат изгубените минерали кога некој страда од повраќање или дијареја, може да помогнат во ребалансот на телото по мамурлакот, но нема да го спречат тоа, велат фармаколозите. Наместо тоа, подобро е да пиете повеќе вода бидејќи алкохолот предизвикува дехидрација. Чаша минерална вода со секоја чаша вино помага да се намали ризикот од мамурлак.