Пет американски републикански сенатори, предводени од Марко Рубио, денеска побараа од администрацијата на претседателот Џозеф Бајден да го забрани патувањето меѓу САД и Кина поради наглото зголемување на бројот на случаи на респираторни инфекции во таа земја.
„Треба веднаш да го ограничиме патувањето меѓу САД и Кина додека не дознаеме повеќе за опасностите од оваа нова болест“, се вели во писмото потпишано од Рубио, потпретседател на Комитетот за разузнавање на Сенатот.
Напливот на заразени во Кина стана глобален проблем минатата недела, кога Светската здравствена организација упати официјално барање до Кина за информации за потенцијално загрижувачки пораст на респираторните заболувања и кластерите на пневмонија кај децата.
Во последниве месеци, САД и Кина постојано го зголемуваат бројот на летови меѓу земјите, кои остануваат далеку под нивото од 2019 година, пред пандемијата Ковид-19.
Во јануари 2020 година, тогашниот претседател Доналд Трамп им забрани на повеќето неамерикански граѓани кои биле во Кина во претходните две недели да доаѓаат во САД поради загриженост за ширењето на Ковид-19, но не ги ограничи или откажа летовите меѓу две земји.