Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод одбележување на Денот на даночните службеници Свети Матеј, при што упати честитки до Управата за посебното место и улога која ја има во обезбедувањето на финансиската стабилност на државата.
„Сите добро ја знаеме улогата и значењето на оваа институција и секако, вашата улога, почитувани даночници, вашата посветеност во собирање на приходите, а истовремено и соработка и партнерски однос кон бизнис секторот и граѓаните“, рече Ковачевски во своето обраќање.
Тој посочи дека Управата за јавни приходи има многу значајна улога за државата како целина и во таа насока се охрабруваат чекорите и новитети кои се воведуваат, како дигитализација на услугите и модернизација на процесите.
„Сите ние знаеме колку фискалната дисциплина е важна за државата и за нејзиниот развој.
Поголеми приходи од даноци значи и поголема одговорност кон државата и поголема свест дека со тоа ќе се обезбедат подобри јавни услуги, поквалитетно здравство и образование, како и редовни плати и пензии. Повеќе даноци значат и повеќе средства во буџетската каса за уште повеќе градинки, училишта, болници, патишта, нови инвестиции и нови работни места. Затоа, за поздравување е секој ваш чекор кон подобрување на процесите и нивна дигитализација во насока на олеснување на процедурите за граѓаните и за компаниите со цел редовно и навремено да ги подмируваат обврските кон државата“, истакна премиерот.
Тој рече дека показател за успешната работа на УЈП како една од најзначајните институции се и последните бројки за наплата на даноците. Во периодот од јануари заклучно со ноември 2023 година, остварен е вкупен даночен приход од над 1,6 милијарди евра (102,012,434,380 денари) што е зголемување за 7,62% од остварениот даночен приход за истиот период во 2022 година. Пораст на наплатата е регистрирана и во ноември годинава, кога истата изнесувала над 163 милиони евра (10,051,885,182 денари) што е реализација од 111% од планираниот вкупен приход за ноември, односно за 42% поголема наплата од ноември 2022 година. Овие бројки ги кажувам од причина што даночниците се скромни луѓе тие се практично невидливи за разлика од другите кои често ги гледаме на пресс-конференции, кои што работат на расходната страна на буџетот.
„Владата креира позитивни политики и затоа успеавме да постигнеме ефикасност, големите даночни обврзници од почетокот на годинава заклучно со ноември да учествуваат со 43,5 проценти во вкупно наплатените даноци во државата. Како одговорна Влада, која промовира политики во насока на градење на социјална држава, обезбедивме сет мерки со цел да го заштитиме животниот стандард на граѓаните, но и да влијаеме за намалување на сивата економија и спречување на даночното затајување“, нагласи Ковачевски.
Тој се осврна и на мерката „Мој ДДВ” воведена во 2019 година, за која од почетокот на годинава е зголемен лимитот за граѓаните за поврат на ДДВ од скенирање на фискални сметки од 1.800 на 2.100 денари по тромесечие. Бројот на граѓани кои ја користат апликацијата Мој ДДВ е над половина милион и постојано расте. Од почетокот на мерката до денеска, кај граѓаните се вратени близу 8,1 милијарда денари односно речиси 132 милиони евра.
Премиерот зборувајќи за одговорните политики на Владата рече дека се спречи растот на цените со тоа што основните прехранбени производи, кои се дел од секојдневната употреба на граѓаните и понатаму се оданочуваат по најниска даночна стапка на ДДВ, односно нема промена и таа останува на 5%. Предвиден е најнизок данок за најширока листа на основни продукти во регионов и во земјите од ЕУ.
„Продолжуваме со деветиот пакет антикризни мерки, каде со средствата од солидарниот данок обезбедуваме повисоки плати, пензии, субвенции за оние на кои им е најпотребна помош. Досега, само по основ на солидарен данок во државната каса се слеале близу 42 милиони евра. Продолжуваме со таргетирана конкретна поддршка за ранливите категории граѓани, за учениците, студентите, за пензионерите, граѓаните- корисници на социјална помош, граѓаните со посебни потреби, самохраните родители, домаќинствата со ниски приходи, земјоделците, како и поддршка на компаниите“, посочи премиерот.
Економскиот раст на една држава зависи од способноста на нејзините институции да се справат со предизвиците.
„Имаме високи очекувања од институциите дека сите заедно ќе вложиме напор за да обезбедиме фискална одржливост и долгорочен развој на нашата земја. А тоа ќе го постигнеме преку модернизација и дигитализација, преку воведување на европски и светски стандарди и преку професионализација на кадрите во нашите институции“, рече Ковачевски.