Шпанската национална полиција во заедничка акција со царинските службеници во јужното пристаниште Алгесирас заплени речиси еден тон кокаин сокриен во контејнери испратени од Јужна Америка, а дрогата припаѓала на таканаречениот „балкански картел“, соопшти полицијата.
– Балканскиот картел во моментов е најактивен на европско ниво.
Полицијата тврди дека латиноамериканските групи испраќаат кокаин за картелот скриен меѓу легални стоки во контејнери кои пристигнуваат со брод во шпанските пристаништа.
Операцијата започна по дојава за пристигнување на контејнер со „значително количество кокаин“ во Алгесирас, едно од најголемите пристаништа во Шпанија, во провинцијата Андалузија.
Агентите кои подолго време ги истражувале активностите на „балканскиот картел“ имале и информации дека и оваа група составена од граѓани од територијата на поранешна Југославија барала начин да го преработи тој кокаин.
Истовремено, од Колумбија добиле предупредување дека брод од Еквадор, кој има пауза во Колумбија, има намера да транспортира кокаин до пристаниште во Шпанија.
Агентите го идентификувале бројот на бродот, а кога запловил во Алгесирас, инспекторите ги отвориле контејнерите и пронашле 415 килограми од дрогата.
Врз основа на нови информации дознале дека во Алгесирас пристигнува уште еден контејнер со дрога, па во него пронашле дополнителни 500 килограми кокаин, се наведува во соопштението.
„Тешкотиите во истражувањето на членовите на тие организации лежат во нивната мобилност. Тие можат да патуваат илјадници километри за да одржат состанок“, соопшти шпанската полиција.
Таа додаде: „Истрагите продолжуваат за идентификување на сите членови на мрежата и нивно апсење“.
Засега не се знае дали некој е уапсен при откривањето на контејнерите со кокаин.