Европскиот суд на правдата (ЕСП) донесе одлука дека забраните за носење религиозни обележја на вработените во администрацијата се дозволени со цел да се наметне „целосно неутрално административно опкружување“.
„Ваквото правило не е дискриминаторско доколку се применува на општ и неселективен начин за сите вработени во административните служби и е ограничено на она што е строго неопходно“, велат од Судот на правдата на Европската унија (СПЕУ).
Одлуката уследи по тужбата на Белгијка, вработена во локалната власт, која сметала дека била жртва на дискриминација од страна на нејзините шефови. Таа поднела жалба до локалниот суд тврдејќи дека ѝ била ускратена слободата на вероисповед, бидејќи и било забрането да носи традиционална исламска марама на своето работно место во општината каде што работи.
По одлуката за забрана за носење хиџаб, општина ги измени условите за вработување за да им забрани на сите вработени во јавната администрација да носат очигледни знаци на идеолошка или верска припадност.
Судот оцени дека секоја земја-членка и кој било од нејзините државни органи во рамките на своите надлежности имаат дискреционо право да создадат неутралност на јавниот сервис што има намера да го промовира на работното место во зависност од сопствениот контекст.
Ваквото толкување на судот предизвика загриженост во некои исламски кругови. Паневропската мрежа „Фемисо“, која претставува повеќе од 30 муслимански младински и студентски организации, ја опиша пресудата како потенцијално кршење на слободата на вероисповед и изразување.
Оваа одлука на судот од Стразбур следува по неколку пресуди кои веќе се изречени од овој највисок европски суд. Истиот суд во 2021 година пресуди дека работодавците од приватниот сектор можат да го ограничат изразувањето на религиозни, политички или филозофски убедувања кога има „вистинска потреба“ да се прикаже неутрална слика на клиентите или да се спречат потенцијални социјални спорови.
Една година подоцна беше појаснето дека таквите забрани не претставуваат „директна дискриминација“ се додека се применуваат подеднакво за сите вработени. Хјуман рајтс воч (ХРВ) беше меѓу оние кои ја критикуваа одлуката од 2021 година.
Франција има строга забрана за верски симболи во државните училишта и владините згради, тврдејќи дека тие ги прекршуваат секуларните закони. Хиџабот и другите „впечатливи“ верски симболи беа забранети во државните училишта во 2004 година.
Во август, францускиот министер за образование Габриел Атал рече дека на ученичките од државните училишта ќе им биде забрането да носат муслиманска абаја, лабава наметка што го покрива целото тело освен главата.