Македонскиот ракометен вицепрвак Алкалоид на крајот од групната фаза во својот дебитански настап во Европската лига на ЕХФ ја почувствува и сласта од победата, откако вечерва во СЦ „Јане Сандански“ минимално (28:27) ја совлада шпанската Ла Риоха во шестото коло. Со европското сефте, Алкалоид достојно се прости од евро-сцената завршувајќи на третата позиција во групата Ф со три бодови, колку што имаше Ла Риоха, додека на првите две позиции кои водат во нокаут-фазата се пасираа Војводина со осум и Бјеринбро/Силкеборг со 10 бода.
Ла Риоха играше добро во поголем дел од првото полувреме, па во еден момент водеше и со пет гола разлика (10:5), но Алкалоид го засили темпото во завршницата на првите 30 минути и направи пресврт пред паузата (15:13).
Алкалоид зголеми на 18:14 на почетокот на вториот дел, по што следеше серија од 5:0 на Ла Риоха која поведе со 19:18. Македонскиот претставник не се предаде и во завршницата стаса до посакуваниот трумф 28:27.
Марко Митев со 10 голови беше најефикасен кај Алкалоид, а голманот Иван Галевски имаше 18 интервенции. Кај гостите Јосип Заја заврши со осум погодоци.