Општина Центар започна со поставување новогодишни украси на дел од улиците и парковите во Општината.
За разлика од Градот Скопје кој веројатно чека „5 до 12“ како ланската година да одлучи дали ќе го украси главниот град или дали можеби за тоа ќе добие некаква донација, во општина Центар се започна со украсување со реквизитите со кои располагаат, кои беа искористени и претходните години, но кои колку-толку почнуваат да даваат новогодишна атмосфера. Веќе е украсен паркот во населбата Капиштец, светилки се поставуваат и на бандерите долж улицата Народен фронт, а веројатно ќе се продолжи и во другите делови од општината.
Освен што некои кафулиња и ресторани ги украсија своите објекти, во Скопје во моментов нема никаква предновогодишна атмосфера ниту има информации што се планира во поглед на украсувањето и пречекот на Новата 2024 година.