Претседателката на Словачка Зузана Чапутова денеска изјави дека ќе се обиде да го блокира планот на новата влада за враќање на гонењето на тешките злосторства од национално во регионално преку претседателско вето или жалба до Уставен суд.
Чапутова рече дека, според неа, планираните измени се спротивни на принципот на владеење на правото и истакна дека и Европската комисија изрази загриженост за брзањето на владата со овие мерки.
Владата на премиерот Роберт Фицо, кој дојде на власт по четврти пат, планира да го измени кривичниот закон со што од средината на јануари ќе престане да постои специјалното обвинителство кое се занимава со тешки кривични дела како што се корупцијата и организираниот криминал.
Надлежноста за гонење на тие кривични дела би била вратена на регионално ниво, односно на регионалните обвинителства кои не се занимавале со тие кривични дела во последните 20 години.
Владата на Фицо денеска ги усвои нацрт-амандманите на законот и го претвори во законски предлог, кој сега треба да биде одобрен од парламентот и претседателот на државата.
Коалицијата на Фицо има мнозинство во парламентот.
Чапутова може да стави вето, но тоа веројатно само ќе го одложи усвојувањето на законот, бидејќи владејачката коалиција може да го отфрли нејзиното вето со просто мнозинство на следното гласање.
Нејасно е како Чапутова има намера да ја оспори уставноста на предложениот закон.
Опозицијата планира во вторник да одржи протестен митинг во главниот град на Словачка, Братислава.