„Ние заборавиме дека само пред седум години извештаите на Европската комисија звучеа страшно, укажуваа на заробена држава кај нас во Северна Македонија. Денес сме во ситуација каде што за само седум години можеме да очекуваме да бидеме членка на Европската Унија и тоа е една суштинска разлика што ние треба да ја сфатиме како наша шанса“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за МИА.
Тој додаде дека земјава има реална прилика за седум години да биде таму каде што сме сакале и мечтаеле да бидеме повеќе децении.
Вицепремиерот Маричиќ истакна дека Планот за развој на Западен Балкан е динамичен инструмент што треба да не мотивира побрзо да ги спроведиме реформите.
„Таква брзина и интензитет во вакви инструменти се гледа првпат во последните 20-тина години откако се започнати процесите на нашата интеграција и тоа е за поздравување. Тоа е тоа што ни требаше, бидејќи обично секогаш била обвинувана Европската Унија, но и целиот овој процес на европска помош дека оди многу споро, многу долго и дека ефектите се гледаат после многу време и доцна. Сега со овој пристап ќе имаме ефекти побрзо и ќе имаме видливи ефекти коишто ќе го вратат и кредибилитетот на Унијата, но и динамиката во нашиот реформски процес“ рече Маричиќ.