Меѓународните групи за човекови права Амнести интернешенел и Хјуман рајтс воч ги осудија Соединетите држави што ставија вето на резолуцијата на Обединетите нации за прекин на огнот во Појасот Газа.
Американската блокада ја осудија и турските и палестинските власти. Претседателот на палестинската управа Махмуд Абас вчера изјави дека ветото на Вашингтон на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара хуманитарен прекин на огнот во Газа ги направи Американците соучесници во, како што рече, воените злосторства против Палестинците.
Турското Министерство за надворешни работи на платформата „Х“ соопшти дека американското вето на предложената резолуција на Советот за безбедност на ОН со која се повикува на итен хуманитарен прекин на огнот во Газа е „целосно разочарување“.
„Нашите пријатели уште еднаш покажаа дека Америка сега е сама по ова прашање, особено на гласањето во ОН“, изјави турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан во интервју за телевизијата ТРТ.
Според лондонски „Гардијан“, генералниот секретар на Амнести интернешенел Агнес Каламар изјави дека ветото е „морално неодбранливо“ и дека САД покажале „запоставување“ на животите на цивилите и хуманитарната катастрофа во Газа.
Каламарова оцени дека, користејќи го правото на вето, Америка го поткопа кредибилитетот и способноста на Обединетите нации да обезбедат меѓународниот мир и безбедност.
Хјуман рајтс воч оцени дека САД „ризикуваат соучесништво во воени злосторства“ со ставање вето на резолуцијата на ОН.
Во петокот 13 земји гласаа за нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност со која се бара итен прекин на огнот во Појасот Газа, додека Велика Британија беше воздржана.
Од друга страна, израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен го обвини генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш дека, како што рече, „зазема страна на Хамас во повикот за прекин на огнот во Појасот Газа“, пишува „Тајмс оф Израел“.
„Повикувањето на членот 99, кој не е искористен за војната во Украина или граѓанската војна во Сирија, е уште еден пример за пристрасен и едностран став на Гутереш“, напиша Коен на мрежата Х.
Во меѓувреме, израелските воени авиони продолжуваат да го бомбардираат Појасот Газа, дури и оние делови на југот на енклавата, каде што претходно им нареди на палестинските цивили да се евакуираат.
Израелските одбранбени сили тврдат дека Хамас ја искористува хуманитарната зона формирана во областа Ел Маваси во јужниот дел на Газа за терористички активности со истрелување ракети кон Израел, пишува Тајмс оф Израел.