Најмалку 17 лица се повредени во судир на два воза на италијанската пруга Болоња-Римини во областа Фаенца.
Според првичните информации нема потешко повредени. Сообраќајот во таа делница е запрен, а се судриле регионален воз и Freccia Rossa, пишува италијанскиот Corriere di Bologna.
Сообраќајната несреќа се случила вечерва во 20:20 часот, а возовите се судриле со мала брзина. Засега не е позната причината за судирот, а на местото на несреќата интервенирале возила на итната помош и пожарникари.
Според фотографиите од местото на настанот, возовите не излетале од шините, оштетени им се предните делови.
„За среќа, повредените беа добро и никој не претрпе сериозни последици. Ударот беше релативно слаб“, коментира градоначалникот на Фаенца, Масимо Исола.
Едно лице е пренесено во болница, додека на останатите 16 им била укажана лекарска помош на местото на настанот. Машиновозачите не се повредени.
Во тек е истрага, по што треба да се знаат повеќе детали.