Обилните снежни врнежи го затрупаа со снег поголем дел од северна Кина, поради што патиштата во некои делови беа затворени, железничкиот сообраќај беше во прекин, а наставата во училиштата беше откажана.
Вкупно 134 патни делници во 12 провинции, од кои 95 на автопатишта, утринава беа затворени поради условите на снег и мраз, објави телевизијата. Неколку железнички линии во два дела на провинцијата Шанкси се во прекин.
Ова е прв поголем снег во годината за поголемиот дел од Кина, освен за планинските области на североисток во близина на границата со руски Сибир.
Тенок слој снег прекри покриви и паркирани возила во центарот на Пекинг. Улиците таму се претежно расчистени, а работниците го отстрануваат преостанатиот снег од тротоарите.
Групацијата за јавен транспорт во Пекинг објави дека утринава се суспендирани 187 автобуски линии. Некои линии на метрото додаваат возови за време на утринскиот шпиц, соопшти телевизијата.