Османи во Женева на одбележување на 75 години од Универзалната декларација за човекови права на Обединетите Нации

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес учествуваше на настанот на високо ниво за Одбележување на седумдесет и пет години од Универзалната декларација за човекови права на Обединетите Нации во Женева, каде ги презентираше и заложбите на Северна Македонија во однос на човековите права.

На овој настан на високо ниво, пред високите владини претставници на земјите членки на Обединетите нации, Османи истакна дека одбележувањето 75 години од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права на ОН, мора да послужи не само како потсетник за важноста, уникатноста и безвременската вредност на овој документ, туку и како нов поттик да ги зголемиме нашите напори во промовирањето и заштитата на човековите права.

Воедно, Османи повика да се направат напори преку постапките да се ревитализираат вредностите на Декларацијата.

“Мора да испратиме порака дека секој од нас треба повеќе да се ангажира за благородната кауза на човековите права”, рече Османи.

Министерот Османи, во рамки на овој настан на високо ниво презентираше 5 национални заложби во однос на човековите права за чија реализација Северна Македонија посветено работи.

“Зголемување на довербата на јавноста во системот на управување преку унапредување на транспарентноста и отчетноста на Владата со усвојување и спроведување на нова Стратегија за транспарентност до 2026 година; Забрзување на дигиталната трансформација за понатамошно подобрување на услугите фокусирани на луѓето и квалитетни услуги до 2027 година. Со тоа ќе се зајакне отпорноста на сајбер заканите и ќе се работи на подигање на свеста за сајбер безбедноста; Справување со корупцијата и подобрување на интегритетот на систематски начин, како и зајакнување на меѓуинституционалната координација и размена меѓу различни владини институции, обвинителството и судството; Трансформативна промена во животот на лицата со попреченост преку воспоставување политики и услуги за инклузивна попреченост, вработување и трансформирање на сите станбени институции во услуги засновани на заедницата; Постигнување значајни и одржливи судски реформи преку спроведување на нова Стратегија за реформи во правосудството до 2027 година” рече Османи, истакнувјќи дека наша цел е да ја зајакнеме независноста, непристрасноста и интегритетот на судството.

Треба да знаете
Последни објави