Последните десетина година најдобрите деца ни одат од државата. Заминуваат и тоа е нешто што не можеме да го надоместиме. Тоа државата треба да го стави како најврвен приоритет. За мене, вложување во вистинско, квалитетно образование и наука е една од можностите за задржување на тие деца – порача академик Александар Димовски на денешната презентацијата на новата опрема за генетско испитување во МАНУ како и на имплементацијата на проектот „Унапредување на капацитетот на Националниот центар за геномика и протеомика“.
Академик Димовски кој го води Центарот за генетско инженерство и биотехнологија „Ѓорѓи Ефремов“ во МАНУ напоменува дека имало многу стратегии, многу идеи, но верува дека ќе се покрене некоја иницијатива, да се направи нешто да се договорат сите чинители за да запре овој тренд на иселување. Верува дека МАНУ е спремна да покрене и да координира една таква иницијатива, да се направи еден план за следни 5, 10, 15 години.
– Сите имаме деца или внуци или имаме пријатели чии деца заминале. Ако имаат овде каде да работат и вистински да се едуцираат и со тоа пристојно да живеат, верувајте, нема да си одат надвор. Бидејќи работат, прекрасни деца се. Ама немаат опција и прво што гледаат за надвор. За жал ги губиме. Како мала и сиромшна земја, ние друг избор немаме освен да инвестираме во знаење, да станеме општество базирано на знаење, и на тој начин да овозможиме, да создадме услови да си ги задржиме децата овде, да створиме услови на добра, убава, позитивна работа во којашто ќе можат да работат нешто што би работеле било каде во Европа – рече академик Димовски.