По честите критики на јавноста, дека на дваесеттина денови до Новата година, Скопје е единствениот главен град на Балканот што не е соодветно украсен за новогодишните празници, на Фејсбук се огласи градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска која најави дека до 15. декември главниот град ќе добие празничен лик.
„Не ја разбирам потребата, веројатно во недостаток на останати аргументи и оваа година во истиот период како на тајмер, партиските војници да констатираат дека „Скопје е тажно“ и дека „Скопје нема да се накити“ за време на Новогодишните празници. Секоја година истите луѓе се демантирани. Не од нас, туку од граѓаните кои се фотографираат со Новогодишните украси во градот. За загрижените да информираме дека Градот Скопје и оваа година ќе биде украсен, но за драстично пониска сума од она што досега секоја година се трошело на украсување на градот преку сомнителни набавки.
Некој треба да одговори како трошел по фирмички за китење годишно помеѓу 90.000 и 245.000 евра за украсување, пари на граѓаните кои завршувале во приватни џебови, а сега градот се кити за 30.000 евра.
Минатата година, во време на најголемата глобална економска и енергетска криза, градот беше накитен без дополнителни трошоци, а средствата предвидени за китење, но и трошоците кои порано се правеле за ручеци и пиење по кафани, беа наменети за ранливите категории на граѓани.
Украсувањето е започнато, а како и секоја година, главниот град ќе блесне со Новогодишна магија на 15-ти декември“, стои во објавата на градоначалничката Арсовска.