Рама: Дијалог да, но без преговори за изборите на 30 јуни

Албанскиот премиер Еди Рама од собраниската говорница на денешната пленарна седница ја повтори поканата за дијалог до опозицијата, но категорично посочи дека за локалните избори на 30 јуни нема преговори.

Според него, датумот на одржувањето на локалните избори произлегува од Уставот и е одреден од страна на шефот на државата врз основа на уставните одредби.

Обраќајќи и се директно на опозицијата, Рама нагласи дека Извештајот на Европската комисија за Албанија покажува што треба да прават опозициските партии, наместо она што го прават сега.

– Остануваме решени да стимулираме процес на дијалог со опозицијата, но несомнено не сме подготвени да преговараме за Уставот, како фундаментален закон, што треба сите да го почитуваме во функција на избори што му припаѓаат на народот, а не на партиите. Подготвени сме за дијалог, но никогаш нема да преговараме за легитимноста и обврската на овој Парламент. Обврска која произлегува од јасен мандат врз основа на кој за нас е невозможно оние што не избраа да им кажеме: простете ни, но оние што не гласаа за нас ќе имаат приоритет над оние што гласаа за нас, нагласи Рама.

Од друга страна обединетата албанска опозиција, преводена од Демократската партија на Љуљзим Баша, не се откажува од барањето за оставка на Рама и формирање преодна влада, која ќе спроведе „слободни и демократски избор”.

– Околу заминувањето на Еди Рама нема преговори. Нема да отстапиме ниту чекор назад од нашето движење за слобода и демократија. Да бидеме многупати повеќе во Тирана в недела во 19 часот, изјави Баша, повикувајќи ги албанските граѓани на седмиот по ред „национален протест”.
Во меѓувреме владејачката изборна коалиција Алијанса за европска Албанија, предводена од Социјалистичката партија на Рама, в сабота со голем митинг ќе го означи официјалниот почеток на изборната кампања.

Рама веќе промовираше „изборна маица” која е во партиска боја и на неа стои ПС (Социјалистичка партија).

Треба да знаете
Последни објави