Спасовски: МВР е многу променето, пред сѐ во делот на стратешките реформи

Во денешното интервју во утринската емисија„Слободен печат” на Слободна ТВ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше запрашан за сработеното во МВР за време на неговиот мандат.

 „Прво мора да се каже дека МВР е многу променето од моментот кога ја преземавме улогата на раководство на МВР, ако компарираме со претходниот период и се направени многу работи, пред сѐ во делот на реформи на стратешко ниво. Ќе напоменам дека кога го преземав раководењето со МВР го имавме најголемиот случај на прислушување и рушење на човекови права во државата: над 20.000 луѓе беа прислушувани, над 1 милион разговори беа дадени на тогашната опозиција. Второ, ги имавме двата случаи на напади во Парламентот. Едниот случај беше 2012 година, кога беа исфрлени пратениците и новинарите од Собранието, вториот уште пожесток случај на 27 април, кога се обидоа да убијат пратеници итн. и за кои се водат судски постапки. Без разлика каква мотивација била, јас ги напоменувам како случаи кои сериозно ја уриваа довербата на МВР, меѓутоа и бараа да има брза акција”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека од тоа што се соопшти во „Вистината за Македонија”, во прислушуваните разговори можеше да се види на каков начин биле користени институциите во тој период.

„Тоа бараше од нас реакција во смисла на реформи на стратешко ниво. Една од најважните реформи во тој дел е реформа на безбедносно-разузнавачка заедница, реформа на следење на комуникациите. Формиравме нова Оперативно-техничка агенција, тоа беше најголемиот проблем тогаш и воопшто не беше прашање дали треба да се прави реформата, туку тоа мораше да се направи, ако сакаме институцијата да ја градиме според тие европски вредности кои ги чинат човековите права. Се формираше нова Агенција за национална безбедност, надвор од МВР, а претходно беше Управа за безбедност и контраразузнавање во состав на МВР”, истакна Спасовски, наведувајќи ги реформите и набавките на униформи, опрема, како и реконструкциите на 80 полициски објекти, зголемувањето на платите и исплатата на бонус плати.

„Започнавме проект за реформа на полицијата со поддршка на ЕУ, се воведоа Оддели за финансиски истраги и конфискација на имот, што претходно го немало во МВР. Направивме реформа во делот на водење на дисциплински постапки, низа сегменти кои сме ги подобриле во тој дел. Целосно ставање во функција на Одделот за воздухопловни единици, како еден од суштинските делови, многу реформи во делот на Одделот за специјални полициски операции… Набавка на опрема, униформи кои не беа набавени 10-15 години, во сите сегменти. Градба на нови објекти што, исто така, е многу важно. Ќе споменам два витални објекти за МВР – тоа е ИКТ центарот во Прилеп, кој е за заштита на електронски податоци, проект преку кој ја променивме целосната информатичка инфраструктура на МВР и е подготвено да дава електронски услуги коишто веќе ги даваме и имаме интероперабилност. Градбата на Одделот за форензички испитувања е, исто така, проект кој го работевме заедно со ЕУ, како една од најмодерните софистицирани лаборатории на овој наш регион итн. Еве сега во моментот тече градба на нова полициска станица Аеродром, започнавме со реконструкција на објектот на управни служби во Скопје, во зградата на МТВ. Имавме реконструкција на 80 полициски објекти низ државата, коишто претходно беа во многу лоша состојба, со сите енергетски капацитети ставени на располагање, енергетска ефикасност, заштита на животна средина, тоа се принципи по кои работевме”, рече Спасовски.

Тој ги спомена и набавката на возила, на опремата за гасење пожари, која за првпат се набави и се стави во функција, во Одделот за воздухопловни единици, а претходно го немало во МВР.

„Пред извесно време промовиравме за првпат во историја на независна Македонија опрема за медицински потреби, денеска и тој транспорт може да се прави. Зголемување на платите на вработените во МВР некаде за 35%, исплата на сите бонус плати од моментот од кога сум министер до денеска, за сите вработени да не ги наплаќаат преку тужби и на тој начин да создаваме дополнителни трошоци за МВР. Морам да напоменам дека сето ова што го кажувам е само еден мал дел од она што е направено во изминатиот период, меѓутоа со истиот буџет како бил и до 2017 година. Ние немавме ниту еден процент зголемување, освен 2023 година во која имаме 6% зголемување”, појасни министерот Спасовски, потсетувајќи  дека во моментот на преземање на институцијата имаше доспеан долг од 40 милиони евра, кој што беше вратен, од кои најголемиот дел од финансиските средства за опремата за прислушување.

Во однос на прашањето дали со реформите слабее позицијата на МВР, Спасовски истакна:

 „Апсолутно не слабее позицијата на МВР! Ова прашање ми го поставија меѓународните партнери првиот ден кога седнавме да разговараме за реформите, за да видат колку е подготвеноста или колку е силна политичката волја за вакви реформи. Сметам дека кога станува збор за заштита на човековите права, за јакнење на демократските вредности во државата, за јакнење на демократскиот капацитет на институциите, тогаш не може со ништо да се споредува, па ниту со јакнењето на моќта на институциите”, рече министерот Спасовски, при што како пример ја појасни поставеноста на ОТА, формирана од Собранието, со директор кој се избира со двотретинско мнозинство во Собранието и може да има само еден мандат, за да не може да има политички влијанија.

„Оваа агенција е брана за злоупотребата од прислушувањето, да можат исклучиво да се следат комуникациите само со налог на судот. Во пракса покажа дека е сериозна институција на стручни и компетентни луѓе, кои не само што ја воспоставија институцијата, туку се воспостави систем со сериозна заштита на следењето на комуникациите. Преку ОТА сите органи за спроведување на законот – МВР, АНБ, Финансиска полиција, Царинска управа – можат во моментот кога имаат сериозни индиции, кога се отвораат постапки, да побараат и добијат судска наредба и да се следат комуникациите”, истакна Спасовски.

Треба да знаете
Последни објави