Откако ќе биде формирана компанијата, од испланираните удели 67 наспроти 33 отсто, ќе почне постапката за доделување на правото на користење на вода, а потоа ќе се потпише договорот за концесија, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Појаснувајќи ја постапката до потпишување договор за концесија, како одговор на новинарско прашање за тоа кога Владата и ЕСМ планираат да го потпишат договорот за Чебрен, Битиќи нагласи дека засега има само одлука на Влада.
– Не знам од каде дека истекува договорот. Нема договор, има одлука на Влада. Одлуката на Влада ќе се ефектуира тогаш кога ќе се создадат условите, а во тој момент почнуваат процедурите, подвлече Битиќи.
Во однос на надоместокот за пристап до мрежа што ќе почне да се применува од 1 јануари, вицепремиерот Битиќи смета дека тоа е праведно решение.
– Вчера Регулаторна излезе со нова пресметка во методологијата, а тоа е ставање данок на луксуз, односно дополнителна такса за мрежарина за тие што имаат повеќе од една куќа, која не ја користат, да плаќаат нешто што до денес го плаќаме сите ние што сме корисници на електрична енергија. Ова е едно праведно и правично тарифирање на електричната енергија, да си плати секој за тоа што го користи, затоа што мрежарината сите ја користиме, рече Битиќи.
Прашан за реакцијата на инженери кои сметаат дека изградбата на Чебрен по пат на јавно приватно партнерство е штетен и ја нарушува електроенергетската независност на државата, Битиќи рече дека процесот траел три години и оти биле вклучени сите можни инженери кои требало. Подвлече дека утре нема да се потпишува ништо, туку само ќе се затвори процесот на тендерирање.
– Утре нема да има потпишување, но ќе има друго потпишување. Утре ќе потпишуваме и ќе исплаќаме пари кон општините водени од ВМРО – ДПМНЕ, околу два милиони денари. Како Влада одлучивме со парите за пренамена да им дадеме можност на нашите граѓани, кои изминатите две години се ставени на милостина на тие градоначалници, да изградиме пречистителни станици, градинки, училишта, канализации, водоводи, патишта, рече Битиќи.