Факултетот за земјоделски науки и храна при скопскиот Универзитет во рамки на одбележувањето на 76-годишнината од постоењето денеска свечено ќе ја пушти во употреба лабораторијата за дигитално земјоделство, а ќе се одржи и тркалезна маса на тема „Студиска програма по дигитално земјоделство“.
Под мотото „Запознај го својот иден вработен/работодавец!“ ќе биде организиран и Кариерен ден на кој студентите ќе имаат можност да се поврзат со потенцијалните работодавци.
Во рамки на одбележувањето, свечена седница ќе одржи и Наставно-научниот совет на кој ќе се обрати деканот Вјекослав Танасковиќ, а најавено е присуство и на ректорката на УКИМ Биљана Ангелова и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
– Истовремено, овој ден ќе има за цел да ги поврзе и главните чинители од бизнис секторот и институциите со Факултетот за земјоделски науки и храна-Скопје, со цел согледување на потребите од кадри кои ќе бидат оспособени за успешно прилагодување на секторот земјоделство и храна кон новите текови, можностите за организирање на заедничка практична настава, како и поголема можност за вработување на истиот, појаснуваат организаторите.