Лекарите специјализанти во Англија почнаа штрајк

Лекарите специјализанти во Англија денеска почнаа тридневен штрајк и најавија нов шестдневен штрајк од 3 до 9 јануари поради спорот во врска со зголемувањето на платите, објави Британската медицинска асоцијација (БМА), која застапува околу 50.000 члена.

Општата болница „Челтенхем“ соопшти дека ќе го затвори одделот за итни случаи, а менаџерите на болниците во Лондон ја повикаа јавноста да ги користи само службите за итни случаи, објави „Ројтерс“.

Лекарите специјализанти ги напуштија преговорите со владата откога им беше понудено зголемување на платите меѓу осум и 10 проценти.

Тие бараат зголемување од 35 проценти, што, според нив, е неопходно за да се покрие влијанието на инфлацијата што се акумулирала во текот на неколку години.

Британската министерка за здравство, Викторија Аткинс, изјави дека се преземени значајни итни мерки и додаде дека останува отворена вратата за БМА да се врати на преговорите, пренесува „Танјуг“.

Директорите на болниците изјавија дека шестдневниот штрајк во јануари ќе биде најдолгиот во историјата на британската национална здравствена служба и додадоа дека особено го отежнува фактот што се одржува за време на празниците.

Треба да знаете
Последни објави