Орбан: Приемот на Украина во ЕУ ќе чини од 150 до 190 милијарди евра, Унгарија не се согласува со тоа

Приемот на Украина во Европската унија би ја чинел заедницата 150-190 милијарди евра, додека самите земји-членки нема да добијат доволно пари, затоа Будимпешта се противи на доделување средства од европскиот буџет за Киев, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.

– Сигурно е дека, доколку Украина биде примена (во ЕУ), целата поддршка што досега ја добиваа земјите од Централна Европа, вклучително и Унгарија, ќе им припадне ним – изјави Орбан во интервју за телевизијата „ТВ2“.

Според него, засега не се знае од каде да се добијат парите за поддршка на Украина, бидејќи ако од буџетот на ЕУ се издвојат 50 милијарди евра, тогаш самите земји членки, вклучително и Унгарија, нема да добијат буџетски пари, со што Будимпешта не се согласува.

– Нема точна анализа колку ова (влезот на Украина во ЕУ) ќе ја чини Европската унија, но според неофицијални пресметки се работи за 150-190 милијарди евра – изјави унгарскиот премиер.

Тој објасни дека целта на унгарската влада е „да го отстрани најголемиот дел од тензиите во преговорите во позадина“ и да се фокусира на изнаоѓање „решение кое ќе ги задоволи сите“ на самитот во Брисел. Унгарија предлага прашањето за поддршка на Украина да се реши надвор од буџетот на ЕУ, додаде Орбан.

На самитот на ЕУ посветен на прашањето за финансиската помош за Украина, се очекува „не само гром, туку и молња“, истакна тој.

Претходно Орбан изјави дека Унгарија повторно го блокирала пакетот помош од 50 милијарди долари за Украина. Од друга страна, шефот на Европскиот совет, Шарл Мишел, за новинарите по самитот во Брисел изјави дека очекува лидерите на ЕУ да можат едногласно да одобрат финансиска помош за Украина на почетокот на 2024 година. Следниот вонреден самит на ЕУ е закажан за 1 февруари.

Треба да знаете
Последни објави