НАСА испрати видео од 30 милиони километри далечина за само 101 секунда

Американската национална вселенска агенција НАСА успеа со ласер да испрати видео од 15 секунди, со ултра-висока резолуција, на растојание од повеќе од 30 милиони километри.

Видеоснимката со мачката Тејтерс беше поставена во сондата „Сајк“ (Psyche) пред лансирањето и испратено до Земјата на 11 декември. НАСА ова го направи како експеримент за проектот „Оптичка комуникација со длабоката Вселена“ (Deep Space Optical Communications). Видеото успешно стигна до нашата планета, преку телескопот „Хејл“ во Сан Диего, САД. Проектот што чини 1,2 милијарди долари, почна во октомври оваа 2023 година. 

Станува збор за шестгодишна мисија, а леталото ќе мине 3,6 милијарди километри. Неговата можна „средба“ со редок астероид богат со метали може да објасни како се формирале јадрата на карпестите планети. 

Снимката беше пренесена како кодиран инфрацрвен ласер и помина растојание 80 пати поголемо од она меѓу Земјата и Месечината. На ласерот му беа потребни само 101 секунда да стигне до Земјата. Потоа беше преземен и испратен во лабораторијата на НАСА, заради навремена анализа.

Според НАСА, успешниот видеопренос е миг за историја.

Додека сондата „Сајк“ го продолжува своето патување кон астероидниот појас меѓу Марс и Јупитер, таа ќе испраќа сигнали до Земјата. Подобрената способност за комуникација од тн. длабоката Вселена би можела да игра клучна улога во идните вселенски истражувања, вклучувајќи ги и потенцијалните мисии на Марс.  

Треба да знаете
Последни објави