Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска положи цвеќе на спомен обележјето на 12. Ваташки младинци, објави тој на социјалните медиуми.
„Со длабока почит положив цвеќе на спомен обележјето на 12. Ваташки младинци погубени на 16 јуни 1943 година од бугарскиот фашистички окупатор за време на Втората светска војна.
Годинава навршија 80 години од овој масакр врз 12-те ваташки младинци, како кулминација на погромите над цивилното население од страна на бугарската фашистичка војска. Кукавички поткажани дека како скоевци кришум им помагаат на партизаните, водени од желбата за борба до целосно ослободување од окупаторот, сите 12 храбро ги поднеле тортурите и измачувањата без да изустат збор за партизаните, по што биле одведени пеш во колона кон Моклиште, пат од кој нема да се вратат: Перо Видев-15 години, Ванчо Гурев-19 години, Данко Дафков-18 години, Илија Димов- 18 години, Ристо Ѓондев-18 години, Блаже Ицев-20 години, Герасим Матаков-18 години, Пане Мешков- 18 години, Ферчо Поп Ѓорѓиев-25 години, Васо Хаџијорданов-27 години, Диме Чекоров-20 години, Пане Џунов-18 години.
Нема да се заборави последната порака на Васо Хаџијорданов, додека ѝ гледал на смртта в очи: „Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре“. Вечна им памјат“ напиша Спасовски.