Група скандинавски научници дошле до заклучок кој може да ги исплаши фитнес ентузијастите. Излегува дека вежбањето не ни помага да живееме подолго, дури може да го забрза стареењето.
Студијата беше спроведена од истражувачи од Универзитетот во Јиваскила во Финска. Од 1975 до 2020 година, тие проучувале повеќе од 11.000 фински истополови близнаци. Самите учесници забележале колку вежбале во просек, а потоа, во зависност од нивните навики, биле поделени во четири категории: седечки, умерено активни, активни и високо активни.
Севкупно, оние кои најмалку вежбале имале околу 20 отсто поголеми шанси да умрат во рок од 45 години отколку оние кои биле умерено активни. Меѓутоа, кога се земени предвид факторите на животниот стил како што се образованието, индексот на телесна маса, пушењето и консумирањето алкохол, ситуацијата се промени.
Луѓето кои воделе претежно седентарен начин на живот имале само седум проценти поголеми шанси да умрат од оние кои биле активни, а не биле пронајдени дополнителни придобивки од високото ниво на вежбање. Всушност, оние кои биле високо активни биолошки побрзо старееле. Физички најактивните луѓе во просек биле 1,8 години постари од најмалку активните.
Иако студијата сè уште не е рецензирана, таа неодамна освои национална награда за спортска медицина во Финска, каде што се спроведуваше во изминатите 45 години.
Светската здравствена организација вели дека на возрасните на возраст од 18 до 64 години им требаат најмалку 150 до 300 минути аеробна физичка активност со умерен интензитет или 75 до 150 минути анаеробна физичка активност со висок интензитет неделно.