Вкупно 52 тимови од лекар, сестра и возач недостигаат во Службите за итна медицинска помош во земјава за да се задоволи законскиот минимум. Најалармантна е состојбата во Скопје каде за нормално функционирање “фалат” дури 18 екипи, во Тетово 10, а во Куманово и Струга по 5 тимови, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Од друга страна во Битола, Делчево, Кичево и Кочани има повеќе од минимум потребните. Во моментот во државата има вкупно 258 екипи за Брза помош.
Со тоа се поставува прашањето дали се прекршува правото на граѓантие за итна помош? Во изминативе 8 години, наместо да се зголемува, бројот на екипи се намалил за 22, вели Герман Филков од ЦГК. Според него најголемо оптоварување има во Скопје, град кој преку работна година е блиску до 1 милион жители, а каде недостасуваат најмалку 18 екипи за брза помош.
-Во Скопје, тимот на медицинска помош има близу 150.000 повици годишно во текот на годината, а само итната медицинска помош има околу 25.000 интервенции, оптовареноста на екипите е различна од град во град, а некаде една екипа, на медицинска помош опслужува 1.000 жители, а во поголемите градови 40.000 жители зависат од еден тим. Скопје има 45 тимови вкупно, нормално распоредени во смени, тимови кои што седат во службата, ова не се сите тимови кои што одат на терен, а според уредбата што ја има донесено МЗ, Скопје треба да има 63 екипи.
-Тоа е секојдневие во Градот Скопје и тука добар дел од екипите да кажеме знаат да заглават во сообраќајот, дури имаше и едно видео каде што комбе на брза помош мораше на тротоар да се качи за да ја надмине колоната од коли./ Во повеќе наврати, ја знаеме гужвата и метежот што настанува на паркингот во клинички центар, некогаш на екипата при оставање на пациент и е потребно дури 1 час за да излезе од клинички центар, а некогаш од страна на одредени клиники се случува екипата да ни биде задржана и повеќе од 2-3 часа.- Милица Бубало – Раководител на итна медицинска помош во Скопје.
Според истражувањето, покрај Скопје, најлошо стојат Струмица и Тетово, каде еден тим треба да покрие околу 40.000 жители дневно, па потоа е Куманово со 30.000. Вевчани, Пехчево и Ростуше се најдобро покриени, кои како жители на помали центри добиваат покриеност од една екипа на 1.000 жители.