Израел начелно се согласи да му дозволи на Кипар да отвори поморски коридор меѓу тој остров и Појасот Газа, палестинска територија под израелска блокада, каде што хуманитарните потреби се огромни, потврди денеска израелското министерство за надворешни работи.
-Постои во принцип одобрение за користење на морскиот пат, но остануваат уште неколку практични проблеми да се решат, изјави портпаролот на министерството.
Тој план треба да придонесе за значително зголемување на испораката на хуманитарна помош за 2,4 милиони жители на Појасот Газа, по проверката на товарот на Кипар „под израелски надзор“, потсети тој.
Кипар го предложи коридорот по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас, палестинското исламистичко движење на власт во Појасот Газа.
Хуманитарната ситуација во Газа е катастрофална, околу 1,9 милиони луѓе или 85 отсто од населението морале да ги напуштат своите домови, според ОН. Сериозен недостиг од најосновните производи има на таа територија, која е под целосна израелска блокада од 9 октомври, два дена по почетокот на конфликтот меѓу Израел и палестинскиот Хамас.
Засега хуманитарната помош се доставува во недоволно количество, по копно, преку преминот Рафа меѓу Појасот Газа и Египет.
Кипар е оддалечен едвај 400 километри од брегот на Газа.
Кипарски официјални извори потврдија дека Никозија ги завршила сите процедури за формирање на поморски коридор.