Грчката влада наскоро ќе претстави предлог-закон со кој се дозволуваат истополови граѓански бракови, најави денеска премиерот Киријакос Мицотакис и нагласи дека предложениот закон нема да го прошири правото на родителство преку сурогат мајки на истополови двојки.
„Она што ќе го постигнеме е брачната еднаквост. Ќе ја отстраниме секаквата дискриминација на сексуалната ориентација во бракот. Но, нема да го промениме законот за асистирано родителство. Идејата жените на барање да се претворат во машини за правење деца … тоа нема да се случи“, рече грчкиот премиер.
Неколку пратеници од десничарската владејачка партија Нова Демократија изразија противење на каква било ревизија на грчките закони за брак и родителство за да се вклучат истополови двојки.
Мицотакис денеска во интервју за државната телевизија ЕРТ изјави дека нема да бара меѓупартиска поддршка за да помине предлогот.
„Верувам дека ќе успееме да обезбедиме поддршка за овој закон. Некои луѓе ќе имаат значителна корист, во смисла дека ќе им решиме вистински проблем… Некои луѓе можеби не се согласуваат, но не можат да загубат“, рече Мицотакис.
Дозволувањето на истополовите граѓански бракови беше клучното предизборно ветување на Мицотакис, кој минатата година со убедлива изборна победа обезбеди втор четиригодишен мандат.
Прашањето доби дополнително внимание по летниот избор на Стефанос Каселакис за шеф на главната опозициска партија Сириза. Каселакис, кој во октомври се ожени со својот машки партнер во Њујорк, предизвика бурни реакции изразувајќи ја својата желба да има деца преку сурогат мајка.
Грција ги легализираше истополовите граѓански партнерства во 2015 година.
Грчката православна црква се противи на истополовите граѓански бракови, тврдејќи дека тоа ќе создаде законска обврска за на крајот да се почитуваат родителските права.
Исто така, истополовите парови не можат да склучат црковен брак.