Тасевски: Она што се случи на 4 јануари е почеток на одмотување на клопчето

Она што се случи на 4 јануари е почеток на одмотување на клопчето, но и порака дека секоја институција треба да го запали црвениот аларм, посебно Владата и политичките партии. Тие мора конечно да сфатат дека директорите треба да се поставуваат не зашто се членови на некоја партија или етничка заедница, туку затоа што се квалитетни. Само такви директори ќе носат квалитетни кадри, а не кадри кои ќе им бидат наложувани. Директорите, исто така, не треба да се менуваат со промена на власта, туку само доколку не испорачуваат резултати, вели претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање Александар Тасевски.

Според Тасевски, до непосакуваната состојба од пред неколку дена дошло поради сите пропусти од минатото, не поради нешто што било вчера или завчера.

Тој има големи очекувања во однос на расчистувањето на случајот кој, како што напомена, веќе доби меѓународен карактер. Поради тоа, дополни, многу ќе биде важно истрагата да се спроведе без да остави какви било сомнежи и можности за шпекулација.

Во вечерашното гостување на Топ тема, претседателот на Струковиот синдикат потврди дека тројца од напаѓачите биле вработени во М-НАВ, а за тоа кои биле останатите четворица, рече дека ќе покаже истрагата. Директорите, обвини, ги оставиле вработените на цедило и на 4 јануари воопшто не излегле со информација ниту кон нив, ниту кон јавноста за тоа што се случува во М-НАВ. Не обезбедиле ниту заштита на објектот.

Тасевски не се плаши од најавените трудови инспекции. Повика да почнат од него, но потоа инспекцијата да спроведе контрола и врз останатите вработени. Како што истакна, интересот за вработување во М-НАВ е за местата кои имаат многу мала или никаква одговорност. Надлежните ги измислуваат со систематизација и распишуваат конкурс што трае три дена.

Јасно му е, дополни, дека сега тој ќе биде на тапет зашто, како што рече, случувањто во М-НАВ не им одговара на многу луѓе.

-Целта е дефокус. Инaку, татко ми работеше во контрола на летање, јас сум примен со полагање на сите испити и обуки, 29 години работам таму. Постојано сме под надзор и се усовршуваме, полагаме пред странски експерти и тука нема простор дали некој некого сакал или не. Приоритет е квалитетот и добредојден е секој што може да одговори на задачите, независно дали е нечиј или ничив. Во однос на најавените контроли од трудова инспекција, нема да биде прв пат. Од 2006 година сум претседател на Синдикатот и при секоја директна замерка на директорите поставени партиски, сме „трн во око“. Имаме постојани контроли, така беше и во 2008-ма, 2009-та, 2012-та и 2014 година. Нека почнат да ја „чешлаат“ работат во М-НАВ, нека почнат и од мене, но нека продолжат и со останатите вработени, подвлече Тасевски.

Според него, на 4 јануари имало безбедносен ризик зашто некој упаднал во просторот што е ограден, предвиден за контролата на летање без тоа да биде одобрено.

– Како и да е, имам големи очекувања од М-НАВ и од правните органи, зашто ова не доби епитет на проблем од локален карактер, туку излезе од границите надвор од државата, во амбасадите, го обиколи светот преку каналите за воздухопловство, асоцијациите и здруженијата на пилоти и контролори. Се знае низ целиот свет, па очекувано е да се прикаже и вистинскиот резултат од истрагата, да не остава сомнеж и можност за шпекулација зашто тоа ќе донесе непотреби негативни поени за државата, нагласи Тасевски.

Во врска со тендерот за фирмата која треба да спроведе функциоинална анализа на М-НАВ, тој најави дека на 25 јануари треба да се отворат понудите.

-Верувам дека ќе има повеќе заинтересирани фирми. Очекуваме дека во оваа постапка конечно ќе се избере фирма за функциоинална анализа на М-НАВ. За тендерот за реновирање, постапката требаше да почне на 9 јануари, но не знам сега кога ќе биде поради случувањата. Имавме услови кои не соодветствуваат ни од блиску на она што треба да го имаме како контрола на летање, рече Тасевски.

Треба да знаете
Последни објави