Нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври го остави целиот свет во шок бидејќи се сметаше дека вакво нешто едноставно не е можно, со оглед на огромната воена моќ што ја имаат Израелците, особено во однос на одбраната, откривањето и превенцијата. Исто така, се сметаше дека терористите во Газа ја немаат потребната логистика, ресурси и воена сила за да извршат нешто слично, особено на начин никој да не дознае за таков обемен план буквално до моментот кога веќе бил во тек.
Весникот „Ашарк Ал-Авсат“ откри како е направено тоа. Според нивните изјави, само петмина лидери на Хамас го знаеле целиот опфат на планот за инвазија, а конечната одлука за нападот ја донеле само ден претходно. Во извештајот, кој се повикува на палестински извори блиски до раководството на бригадите Ал-Касам, се тврди дека одлуката и времето на нападот биле донесени од само пет лица – Јахја Синвар, лидерот на Хамас во Газа; Мухамед Деиф, водач на бригадата Ал-Касам; Мухамед Синвар; Рухи Муштаха, лидер на Хамас близок до Синвар; и Ајман Нофал, близок соработник на Деиф и поранешен шеф на разузнавањето на Ал – Касам.
Изненадувачки, на листата ги немаше лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, неговиот заменик Салех ал-Арури или Марван Иса, кој се смета за клучен дел од внатрешната тројка на Хамас во Газа, кој моментално е одговорен за воените напори и киднапирањата.
Според извештајот, операцијата наречена „Поплава во Ал-Акса“ започнала со само 70 борци, кои ја преминале израелската граница активирајќи импровизирани експлозивни направи за да ги пробијат дебелите ѕидови. Тие потоа користеле моторизирани едрилици и падобрани за да ги постават борците зад, над и околу израелските позиции. Учесниците биле избрани од елитните единици на Хамас од различни области на Газа, сите обучувани во текот на годините без да знаат точно за што се обучуваат.
Планот започна уште во 2014 година и беше ажуриран во 2021 година. По специјалната обука, членовите на елитните единици се заколнале на тајност за специјалниот тренинг и дека ќе се воздржат од разговори за плановите, иако сè уште не го знаеле времето или целосната големина на плановите. Нивната обука била особено насочена кон навлегување во еврејските села на југ. Дури и многу високи команданти на Хамас не биле свесни за деталите или плановите на нападот. Секој од нив добил детали кои го засегаат, но не ја знаеле пошироката слика. Сето ова е направено со цел да не протекуваат информации. Затоа ИДФ останале збунети. Имале некои делови од тие „фрагментирани“ планови, но не ги сфатиле сериозно. Повеќе изгледало како невозможна идеја.
Така, лидерите на Хамас размислувале за сè, од начинот на изведба до начинот на кој работи израелската тајна служба. Тие биле целосно збунети, а повеќе детали им дале на водачите на специјалната единица на бригадата Ал Касам само три дена пред нападот. Но, и тогаш не се знаело точно кога ќе започне нападот, ниту пак водачите знаеле нешто друго освен задачата што требало да ја извршат со своите борци, пренесува Н1.