За една деценија за увоз на храна сме потрошиле повеќе од 6,6 милијарди евра!

Заклучно со ноември 2023 година за увоз на храна и живи животни сме потрошиле речиси 886,8 милиони евра. Државниот завод за статистика, кој деновиве ги објави податоците за 11-те месеци од минатата година, пресмета и дека вкупниот увоз во земјава заклучно со ноември изнесувал 10,2 милијарди евра, што значи дека уделот на храна изнесувал 8,7%.

Податоците од статистика покажуваат дека од година во година потребите за храна од странство се зголемувале. За 11 месеци од минатата година веќе сме го надминале износот на вупниот увоз на храна за 2022 година, кој тежел 849 милиони евра. Секако, врз бројките влијание има и инфлацијата.

Според податоците, за 10 години (без еден месец), почнувајќи од 1 јануари 2014 и завршувајќи со 30 ноември 2023, Македонија за увоз на храна потрошила 6,67 милијарди евра.

ТАБЕЛА 1

„Пари” го бара одговорот: Дали во изминатиов период се зголемило, или се намалило учеството на увозот на храна во вкупниот увоз и дали стануваме се позависни од странските производители за дa ја наполниме домашната трпеза?

Податоците јасно зборуваат дека и во годините кога имавме ниска инфлација, речиси секоја година увозот одел нагоре повеќе десетици милиони евра, освен во 2020, кога се намалил во однос на 2019. Тогаш, всушност баравме килограм пченица и литар масло за јадење повеќе, затоа што поради пандемијата имаше проблеми на глобално ниво со снабдување со храна и земјите производители почнаа да си прават свои залихи и да воведуваат забрани за извоз. Реално, и побарувачката почна да се намалува, затоа што угостителскиот сектор во тој период работеше по системот „затвори-отвори”.

Состојбата драматично се менува од 2021 година, кога годишно почнуваме да наддаваме по стотина милиони евра за увоз на храна. Но, треба да се земе предвид дека просечната инфлација на храна во 2023 во однос на 2022 е 11,8 проценти, а во 2022 во однос на 2021 година изнесува 21,5 проценти.

Македонија е увозно зависна земја. Немаме доволно ни месо, ни жито, ни сточна храна, ни масло за јадење, шеќер целосно увезуваме… Пандемијата и војната во Украина покажаа колку е значајно да се има сопствено производство на она што е стратешка храна, па Министерството за земјоделство ги зајакна мерките за домашното стратешко производство. Но, она што досега можевме да го видиме е раст на зависноста од увозот.

Според расположливите податоци, увозот во 2023 година заклучно со ноември е дури 86 проценти зголемен во однос на  истиот период од 2014 години. Имено, во 2014 година (без декември, за да имаме реална споредба со податоците што сега излегоа за 2023, а кои се заклучно со ноември) увозот на храна тежел 467 милиони евра, а во првите 11 месеци од 2023 изнесувал 887 милиони евра. Во 2014 година овој увоз бил 9,6 проценти во вкупниот увоз што го направила Македонија, додека  минатата година, тоа било 8,7 проценти. Но, податоците покажуваат и дека вкупниот увоз на се што се носи од странство во земјава во периодот од 2014 до 2023 година се дуплирал (од 5 милијарди евра на 10,2 милијарди).

Податоците за порастот на увозот на храна се помалку драматични ако тој се пресметува во долари. Така, ланскиот узвоз на храна за првите 11 месеци бил 957,8 милиони долари, а во 2014 година (исто заклучно со 30 ноември) изнесувал 622,4 милиони долари, што значи дека сме имале раст за 53,9%.

Оваа значителна разлика во пресметките во евра и во долари се должи на големото јакнење на доларот, така што во јули 2022 година стигна веста дека доларот и еврото за првпат по 20 години се изедначиле, но оттогаш имаше и надолни турбуленции на американската валута.

Доларот се уште е најкористена валута во меѓународната трговија. Сепак, експертите што ги консултираше „Пари” велат дека узвозот кај нас главно е во евра, и во целата надворешна трговија плаќањата во евра се околу 9 проценти.

До 2014 година, трговската размена, увозот и извозот беа презентирани исклучиво во долари од страна на Државниот завод за статистика.

Целата анализа е достапна на следниот линк:  https://pari.com.mk/za-edna-decenija-za-uvoz-na-hrana-sme-potrosile-povekje-od-66-milijardi-evra/

Треба да знаете
Последни објави