Според измените на законот ако владата упати повик до Јавното обвинителство за некое лице ќе мора да започне кривична постапка
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес ги претстави измените на Законот за рестриктивни мерки со кои црните листи на САД ќе станат дел и од законодавството на нашата земја.
Поконкретно, законските измени за кои Владата ќе решава идниот вторник, а треба да се најдат на гласање една недела подоцна, покрај другите дела за кои се предвидени рестриктивни мерки, ги вклучуваат и корупцијата, организираниот криминал, злоупотребата на службената должност и хибридните закани.
Она што ги онерасположи новинарите на денешната средба со Османи е што, откако некој ќе се најде на црната листа на САД, ЕУ или Обединетото кралство за вакви дела, треба да се поминат неколку скалила пред да им се каже збогум од јавната функција и за учество на државните тендери. Имено, како што објасни Османи, по објавувањето на санкционираните од САД, ЕУ или Обединетото кралство, МНР или некоја друга институција ќе покрене предлог до владата, а таа ќе реши дали да упати или не повик до Јавното обвинителство да започне кривична постапка за тие лица која, ако резултира со обвинение – ќе значи времен престанок на јавната функција и учество на тендерите, додека не се види крајната пресуда.
Според објаснувањето на Османи, досега Јавното обвинителство требаше да покренува постапки, а сега со овој закон ќе мора, ако од него тоа го побара владата. Измените исто така предвидуваат со започнувањето на постапката на ЈО да започне и конфискација на имотот на санкционираните – граѓани на Македонија или од странство.
Поконкретно, Османи извести дека постапката за воведување рестриктивни мерки останува иста како и досега, а само се додадени новите кривични дела и новите санкции – отстранување од јавната функција и забрана за учество на тендерите. Уште поконкретно, во делот на законот каде што се наведуваат целите, покрај заштита на меѓународниот мир, безбедност, човековите права и владеењето на правото, ќе се додадат и корупцијата, организираниот криминал, делата против службена должност и хибридните закани.
Во делот каде што е наведено врз која основа се покренуваат рестриктивните мерки, покрај обврзувачките резолуции на Советот за безбедност на ОН, правните акти на ЕУ, правните акти на други меѓународни организации каде што сме членки и барањата од други држави (само за тероризам и шверц со оружје) се додаваат „правните акти на САД и на Обединетото кралство“.
Во Членот 3 како подложни на рестриктивни мерки се додаваат и „носители на јавни функции“, а во делот каде што се наведени видовите на санкции, покрај ембарго на стоки и услуги, ембарго за оружје, забрана за влез, финансиски и други мерки се додава – забрана за учество на јавни тендери и времено престанување на јавните функции, како што беше посочено погоре, ако кривичната постапка резултира со конкретно обвинение за злоупотреба.
Како предлагачи за рестриктивни мерки се наведени МНР, АНБ, МВР, Управата за финансиско разузнавање, Агенцијата за разузнавање и Јавното обвинителство.
„Секој што ќе влезе во американската црна листа ќе влезе и во Законот за рестриктивни мерки“, порача Османи, оценувајќи го како релативно радикален. Тој беше уверен дека измените ќе бидат усвоени брзо во Собранието и дека никој нема да си дозволи да ги блокира – имало европско знаменце или не.
Законот беше подготвен од координативното тело за анализа и зајакнување на легислативата во борбата против корупцијата и организираниот криминал на 22 декември по иницијатива на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска. Во него учествуваа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министрите за надворешни работи, одбрана и финансии – Бујар Османи, Славјанка Петровска и Фатмир Бесими, потоа директорите на Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Управата за јавни приходи, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа и Финансиската полиција, како и претставници на министерствата за внатрешни работи и за правда.
Грковска законските измени ги најави на 23 ноември во интервју за ТВ Сител, една недела откако на „црната листа“ на САД се најдоа Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина и Ратка Куновска-Камчева, мајката на Јордан Орце Камчев. На листата на санкции се најдоа и пет фирми поврзани со Јордан Камчев, чие име претходно во јули годинава беше ставено на „црната листа“ на САД. Како последно, на црната листа се најде и бизнисменот Кочо Анѓушев.