Илјадници грчки студенти се собраа денеска во Атина и други грчки градови за да протестираат против планираните образовни реформи кои ќе овозможат воведување на приватни универзитети.
Конзервативната влада на премиерот Кирјакос Мицотакис, кој доби втор мандат минатата година, се очекува да поднесе предлог-закон до парламентот овој месец со кој ќе им се овозможи на приватните универзитети да работат.
Во владиното соопштение се наведува дека приватните универзитети ќе функционираат како филијали на странски универзитети, поради што многумина сметаат дека со тоа ќе се девалвираат дипломите на грчките државни универзитети и ќе се исклучат од образовниот процес сите оние кои не можат да платат за образование.
„Оваа промена ќе го скрши јавниот универзитет што го имавме досега. Ќе ни го уништи секојдневието бидејќи нема да можеме да најдеме работа откако ќе дипломираме“, изјави студент за британска новинска агенција на протестот во Атина.
Протестите во Грција беа главно мирни, но во Атина имаше судири меѓу демонстрантите и полицијата која употреби солзавец.